Северна Кореја истрела повеќе балистички ракети, вклучително и проектил кој активираше предупредувачки сирени во делови од централна и северна Јапонија, соопшти денеска Токио.
Официјални лица во Јужна Кореја и Јапонија рекоа дека ракетата можеби била интерконтинентална балистичка ракета, оружје со долг дострел дизајнирано да носи нуклеарна боева глава на другата страна на планетата.
Јапонската влада првично објави дека ракетата ја прелетала територијата на земјата, што подоцна беше демантирано.
Јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада рече дека владата ја загубила ракетата од радарот над Јапонското Море, додека јужнокорејските власти рекоа дека интерконтиненталната балистичка ракета имала „неуспешен лет“, објави новинската агенција Јонхап.
Пензионираниот вицеадмирал и поранешен командант на флотата на јапонските поморски сили за самоодбрана Џоџи Кода рече дека загубата на ракетата од радарот укажува на неуспешно лансирање.
„Тоа значи дека во одреден момент на патеката на летот имало некаков проблем и ракетата всушност се распаднала“, рече тој.
Портпаролката на Советот за национална безбедност на САД, Адриен Вотсон изјави дека американскиот претседател Џозеф Бајден и неговиот тим ја „проценуваат ситуацијата“, додавајќи дека Вашингтон ќе ги преземе „сите неопходни мерки“ за да се обезбеди безбедност.
Претходно вчера, Северна Кореја истрела повеќе од 100 артилериски ракети од нејзиниот источен брег во воената тампон зона воспоставена со договорот со Сеул, соопшти војската на Јужна Кореја, пренесе Ројтерс.