Народниот правобранител на непризнатата Република Нагорно-Карабах, Гегам Степањам денеска изјави дека во воената офанзива на Азербејџан во тој регион загинале 25 лица, меѓу кои двајца цивили. Локалните власти тврдат и дека се ранети 60 лица. Агенцијата Ројтерс наведува дека не е во можност да ги потврди овие наводи.
Претходно денеска Азербејџан најави спроведување на „локални антитерористички мерки“ во Нагорно Карабах, а непризнатата република Нагорно Карабах потврди дека азербејџанската армија изведува ракетни и артилериски напади, обидувајќи се да ја пробие линијата на контакт, објави Интерфакс.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан претходно изјави дека азербејџанските вооружени сили ја гранатираат целата територија на Нагорно Карабах со цел да воспостават контрола над населените области.
Администрацијата на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, соопшти дека е подготвена да се сретне со претставници на ерменската заедница од регионот Нагорно Карабах во градот Јевлах, но под одредени услови.
„За да се запрат антитерористичките мерки, илегалните ерменски вооружени групи мора да го подигнат белото знаме, да го предадат целото оружје, а нелегалниот режим сам да се распадне. Во спротивно, антитерористичките мерки ќе продолжат до крај“, се вели во соопштението на управата, кое го добил Интерфакс.
Руските мировни сили денеска организираа евакуација на цивилното население на Нагорно Карабах од најопасните региони и им пружија медицинска помош на повредените граѓани.
„Во текот на денот 469 лица, меѓу кои 185 деца, беа префрлени во руските мировни трупи. Итната помош на медицинскиот вод за специјална намена укажала помош на девет повредени граѓани, меѓу кои и четири деца“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана на Руската Федерација.
Командата на руските мировни сили ги повика конфликтните страни во Нагорно Карабах веднаш да го прекинат огнот, да преземат мерки за деескалација на ситуацијата и да го продолжат преговарачкиот процес, пренесува РИА Новости. Како што се наведува во соопштението за печатот на руските војници, во текот на денот биле забележани бројни прекршувања на примирјето од азербејџанска страна долж линијата на контакт.