Пратеникот во Сојузниот парламент на Австралија, Креjг Кели денеска му се извини на Новак Ѓоковиќ за се што му се случува во моментов, а тој и се обрати на јавноста преку Јутјуб бидејќи ниту еден домашен медиум не сакаше да ја објави неговата изјава.
За целосниот заговор тој ги обвини премиерот на Австралија Скот Морисон и премиерoт на сојузната држава Викторија Даниел Ендрјус.
„Му се извинувам на Ѓоковиќ за односот кон него од страна на владата на државата Викторија и владата на Австралија, која ја повикувам да му се извини на најдобриот тенисер во светот. Ова што се случи е срам за нашата земја и нација. Тоа е чиста локална политика и вина е на премиерот на државата Викторија Ендрјус и на премиерот на Австралија Морисон, рече Кели во своето обраќање.
Тој упати прилично остри зборови за двајцата политичари.
„Двајцата се одговорни за овој одвратен срам што го предизвикаа. Тие не следат наука, не испитуваат докази, само играат политика. Ја обесчестија нашата нација во меѓународната политика. Австралиските политичари не ја кажуваат вистината, тие одбиваат да ја кажат вистината! Му се извинувам на Ѓоковиќ во име на Австралијците и австралискиот парламент! Му се извинувам на српскиот народ! Ова е срамота“, рече Кели.
Ѓоковиќ е во имиграциски притвор од средата, по налог на австралиските власти, каде што го чека судењето по жалбата што ја поднесе против одлуката за укинување на визата.
Судењето почнува вечерва на полноќ по локално време, а одлуката на судијата се очекува во раните утрински часови.