Ден по смртта на кралицата Елизабета, во Велика Британија се очекуваат цела низа настани со кои ќе продолжи операцијата „Лондонски мост“. Во Британија денеска ќе бидат прогласени денови на жалост, а новиот крал се очекува да и се обрати на нацијата во текот на денот.

Како што е најавено, новиот крал Чарлс Трети и неговата сопруга Камила ќе го напуштат Балморал и ќе се вратат во Лондон, каде се очекува кралот да добие прием кај новоизбраната премиерка Лиз Трус.

Како што пишува Гардијан, Чарлс Трети ќе се сретне и со војводата од Норфолк, кој ќе биде задолжен за организирање на погребот на кралицата.

Владата денеска најверојатно ќе прогласи Денови на жалост во Британија (најверојатно 12 дена), а министрите ќе објават дека денот на погребот ќе биде прогласен за државен празник. Граѓаните и денеска ќе се собираат во големите градови и ќе положат цвеќе во чест на починатата кралица Елизабета Втора.

Црковните ѕвона ќе се бијат во текот на денот, додека во Хајд Парк ќе се организира пукање со 96 куршуми – секој истрел за една година од животот на кралицата.

Вечерта се очекува кралот Чарлс III да и се обрати на јавноста за прв пат откако ја презеде функцијата монарх.

By Author