Што се крие зад смената во врвот на Кремљ
Како бомба одекна веста дека Владимир Путин тивко го смени Дмитриј Рогозин, шефот на државната корпорација Роскосмос и еден од неговите најблиски соработници. Имајќи предвид дека Рогозин со сите сили ја поддржа инвазијата на Путин на Украина и им се закануваше на сите противници на Кремљ, јасно е прашањето што се поставува – зошто реши да го замени лојалниот војник?
Веста за отказот на Рогозин не беше најавена, туку само објавена на веб-страницата на Кремљ.
Во објавениот декрет се наведува дека директорот на Роскосмос Дмитриј Рогозин е разрешен, а на негово место ќе дојде поранешниот вицепремиер Јуриј Борисов.
Одлуката стапи на сила во моментот кога Владимир Путин ја потпиша, но ниту еден функционер на Кремљ досега не зборуваше за овој случај.
За многумина ова е неочекуван потег бидејќи Рогозин е на чело на „Роскосмос“ од 24 мај 2018 година и од година во година ја докажува својата лојалност кон Путин.
Закани и навреди
Еден од моментите во кои Рогозин дојде до израз беше почетокот на војната во Украина. Кога Путин реши да изврши инвазија на Украина, сега веќе поранешниот директор на „Роскосмос“ беше еден од најголемите застапници на неговата „специјална воена операција“.
И не само тоа, во претходните месеци Рогозин отворено им се закануваше на сите кои се противат на Кремљ.
По повод обвинувањето на американскиот претседател Џозеф Бајден дека рускиот претседател Владимир Путин е воен злосторник, Рогозин објави архивско видео во кое Бајден вели дека токму тој го наредил бомбардирањето на Белград во 1999 година.
„Можеби треба да се потсети на Бајден кој е воен злосторник“, напиша Рогозин на својот канал „Телеграм“ со видео во кое Бајден признава дека предложил бомбардирање на Белград во 1999 година и испраќање американски воени авиони за уништување на мостовите на Дунав.
Рогозин тогаш донесе одлука Русија да ја прекине соработката на Меѓународната вселенска станица, пред се со НАСА.
Тој апелираше до другите вселенски агенции ширум светот и побара од нив да ги укинат санкциите за компаниите од руската ракетна и вселенска индустрија за да гарантираат продолжување на работата на МСС. Кога добил одговор дека санкциите нема да бидат укинати, Рогозин ги прекинал сите форми на соработка со НАСА.