Поранешниот претседател на Русија и заменик-претседател на Советот за безбедност упати цела низа опасни и луди закани од почетокот на руската инвазија на Украина. Но, се чини дека со последната објава на Телеграм, во која ја претстави својата визија за изгледот на Европа по војната, се надмина себеси.

Имено, на мапата што ја објави, територијата на Украина ја сочинуваат само Киев и неговите предградија, додека останатата територија е поделена меѓу Русија, Полска и Романија.

Се чини дека, според оваа карта, најголемиот сојузник на рускиот претседател Владимир Путин – неговиот белоруски колега Александар Лукашенко – ќе остане без својот дел од колачот.

Секако, најмногу би добила Русија, која би го добила целиот источен дел на Украина до Киев, како и сите важни пристаништа на Црното Море.

Останува нејасно како Русија би можела да ги доведе Романија и Полска „на своја страна“, имајќи предвид дека и двете земји се членки на НАТО алијансата, која има јасна позиција кога станува збор за инвазијата.

Инаку, ова не е прва ваква закана на Медведев, кој пред неколку дена изјави дека поради расплетот на настаните Украина може да исчезне од светската мапа како држава.

„По државниот удар во 2014 година, Украина ја загуби независноста и падна под директна контрола на кокетниот Запад и почна да верува дека НАТО ќе ја гарантира нејзината безбедност. Како резултат на сите актуелни настани, Украина може да го изгуби она што остана од нејзиниот државен суверенитет и да исчезне од светската мапа“, напиша Медведев.

By Author