Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) побара пристап до местото на нападот на затворот во градот Јеленовка во Доњецката Народна Република (ДНР).
– МКЦК понуди поддршка за евакуација на повредените и донирање медицински и форензички материјал и заштитна опрема. Во моментов, наш приоритет е да обезбедиме ранетите да добијат спасувачки третман и телата на оние кои ги загубија животите да бидат третирани достоинствено – се вели во соопштението, пренесе Ројтерс.
Во соопштението се наведува и дека МКЦК побарала пристап за утврдување на здравствената состојба на сите луѓе присутни на местото на настанот во моментот на нападот и дека организацијата е во контакт со нивните семејства. Министерството за одбрана на Русија претходно соопшти дека во гранатирањето на затворот во Јеленовка што го извршиле украинските сили загинале 40 воени заробеници.
Руското Министерство наведува дека украинските војници извршиле напади од повеќецевни ракетни системи ХИМАРС во притворниот центар во Јеленовка, каде се наоѓаат заробените припадници на украинските сили, вклучително и припадници на баталјонот Азов, пренесува РИА Новости.
Како што се наведува, загинале 40 заробени припадници на украинските сили, а 75 се ранети. Во соопштението се наведува дека повредени се и осуммина вработени во притворот.