Се одолговлекува постапката за процесуирање на Иницијативата за уставни измени. Владата уште не ја става на дневен ред, иако Работната група ја изработи пред точно еден месец. Се чека враќањето од Брисел на првите тројца луѓе во раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку поминат на Влада, ќе треба да бидат доставени до Собрание, а потоа и гласани во рок од еден месец. Му даваат на ВМРО-ДПМНЕ дополнително време за да се премисли.

Собраниската седница за потребата од уставни измени најверојатно ќе биде закажана во авгус, бидејќи како што вели претседателот на Собранието Талат Џафери откако предлогот ќе влез во Собрание до гласањето е потребно да поминат најмалку 30 дена. Ова ќе значи дека пратениците наместо на одмор, работно ќе го поминат август, а според Џафери и да треба да се гласа во август за утврдување на потребата за уставни измени, за нив нема да има никаква пречка бидејќи Собранието е во постојано заседание.

Тој додаде дека на седницата на која што ќе биде на дневен ред потребата за уставни измени, дебатата трае максимум десет дена.

Џафери вели дека Собранието во секој момент е подготвено да ја почне постапката за уставни измени, но дека засега нема најава кога уставните измени би можеле да влезат во собраниска процедура.

Од лидерската средба Ковачевски – Мицкоски поминаа 20-тина дена. СДСМ чека ВМРО-ДПМНЕ да им се придружи во работните групи за уставни измени, бидејќи изразила првична согласност, додека опозициската партија чека владеачката да избере еден од нејзините предлози: изменетиот Устав да важи од нашето влегување во ЕУ или – избори на есен, макар и без техничка Влада.

By Author