Денеска е 34-ти ден од војната во Украина.
Украинските и руските преговарачи се среќаваат во Турција за да разговараат лице в лице за прв пат по две недели, а Киев бара прекин на огнот без да се откаже од кој било дел од територијата или суверенитет.
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, за разговорите во Истанбул изјави: „Ние не тргуваме со луѓе, земја или суверенитет“.
„Минималната програма ќе бидат хуманитарни прашања, а максимумот е постигнување договор за прекин на огнот“, рече тој, иако постои скептицизам.
Украинската делегација синоќа пристигна во Истанбул на мировни преговори со руската страна. Делегацијата ја предводат украинскиот министер за одбрана Алексеј Резников, како и шефот на кабинетот на украинскиот претседател Михаил Подољак.
Домаќин на разговорите ќе биде турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Средбата треба да започне во 10 часот по турско време, или во 9 часот по наше време.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган планира да се сретне со руската и украинската делегација.
Ердоган тоа го соопшти за медиумите по седницата на Кабинетот на министри.
Претставниците на Киев и Москва ќе се сретнат утрово во Истанбул. Преговорите ќе започнат во 10.30 часот во палатата Долмабахче.
„Планираме да разговараме со делегациите пред нивниот состанок“, рече Ердоган.