Денес е 83 ден од војната во Украина.
Украинските војници евакуирани од фабриката за челик во Мариупол
Повеќе од 260 украински војници, од кои многумина се ранети, се евакуирани од опколената фабрика за челик Азовстал во пристанишниот град Мариупол, пишува Гардијан.
Доцна во понеделникот, заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малијар, рече дека 53 тешко ранети војници биле евакуирани во болница во градот Новоазовск, контролиран од Русија, а повеќе од 200 други биле пренесени по коридор до Оленивка. Таа рече дека ќе се направи „процедура за размена“ за да можат евакуираните да се вратат дома.
Десетина автобуси со украински борци од Азовстал ја напуштија фабриката за челик во понеделникот вечерта. Пет автобуси пристигнаа доцна синоќа во градот Новоазовск.
Украинската армија денеска соопшти дека работи на евакуација на преостанатите војници од нивното последно упориште во Мариупол, оставајќи ја контролата над тоа пристаниште на Русија.
Украинската армија цели на село во Русија
Село во западната руска провинција Курск, која граничи со Украина, во вторникот беше под украински оган, изјави регионалниот гувернер Роман Старовоит, пренесува Ројтерс.
Нема повредени, иако биле погодени три куќи и едно училиште.
Ракетите испукани на 15 километри од Полска
Украинска воена база на околу 15 километри од границата со Полска била цел на руски ракетен напад рано наутро во вторникот, објави на телеграм Максим Козицки, шеф на регионалната воена администрација на Лавов.