Сојузниците на НАТО денеска ја ставија својата армија на приправност и ќе испратат дополнителни бродови и авиони-ловци во нивните бази во Источна Европа, зајакнувајќи ги силите и одбраната, во време, како што истакнува НАТО, „кога Русија ќе продолжува да акумулира војници во близина на украинската граница“.
Претходните денови бројни членки на Северноатлантската алијанса објавија соопштенија за актуелната состојба или претстојното распоредување на силите, се наведува на сајтот на НАТО.
Данска испраќа фрегата во Балтичкото Море и е подготвена да испрати четири авиони Ф16 во Литванија, како поддршка на мисијата на НАТО во регионот.
Шпанија ќе испрати бродови да им се приклучат на поморските сили на НАТО и размислува да испрати авиони-ловци во Бугарија.
Франција ја изрази својата подготвеност да испрати војници во Романија под команда на НАТО.
Холандија, исто така, ќе испрати два авиони Ф35 во Бугарија од април за да им помогне на активностите на НАТО во регионот и ќе ги стави бродот и копнените единици во подготвеност.
Соединетите држави, исто така, информираа дека размислуваат за зголемување на своето воено присуство на источниот дел на Алијансата.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека ги поздравува напорите на сојузниците да и стават на располагање дополнителни трупи на Алијансата.
„НАТО ќе продолжи да ги презема сите неопходни мерки за заштита и одбрана на сите сојузници, истовремено зајакнувајќи го источниот дел на Алијансата. Ние секогаш ќе одговориме на секое влошување на безбедноста во нашето опкружување“, рече Столтенберг, а пренесува веб-страницата на НАТО.