Денеска сите погледи на светската политичка сцена ќе бидат насочени кон два слични града – Москва и Вашингтон. Францускиот претседател Емануел Макрон во Москва ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, додека германскиот канцелар Олаф Шолц ќе пристигне во Белата куќа со Џозеф Бајден. Причината за средбите е иста – кризата на руско-украинската граница.
Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека верува оти може да донесе „историско решение“ за украинската криза. Макрон имаше вистинска дипломатска офанзива во последните денови и веќе три пати му телефонираше на Путин, а разговараше и со Бајден.
Во пресрет на неговото патување во Москва, тој рече дека неговиот разговор со Путин веројатно ќе биде доволен за да се спречи избувнување на воен конфликт, и покрај песимистичките проценки во многу западни земји. Макрон рече дека целта на Русија „не е Украина, туку разјаснување на правилата во однос на НАТО и ЕУ“.
„Интензитетот на дијалогот што го имавме со Русија и оваа посета на Москва се дизајнирани да спречиме ескалација. Потоа ќе разговараме за условите за деескалација. Мора да бидеме многу реални. Нема да добиеме еднострани отстапки, но важно е да се запрете го влошувањето“, рече Макрон.
Германскиот канцелар Олаф Шолц отпатува за Вашингтон во неделата во обид да ја увери Белата куќа дека неговата земја стои покрај САД и другите партнери во НАТО во спротивставувањето на каква било руска агресија врз Украина.
Инаку, ова е прва посета на Шолц на Вашингтон откако ја презеде функцијата канцелар.
Шолц денеска се среќава со претседателот Џозеф Бајден и членовите на Конгресот за да разговараат за стратегиите за решавање на руско-украинската криза. Посетата на Шолц може да влијае на американско-германските односи и на статусот на Шолц во Германија.