Свети Сава – 27 јануари е неработен ден за граѓаните припадници на српската заедница во Република Македонија, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
Празникот Свети Сава е неработен ден согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ„ бр.21/98 и 18/07).
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните припадници на српската заедница им го честита празникот Свети Сава.
Син на српскиот жупан Стефан Немања, се родил во 1169 година. Како млад жеднеел за духовен живот, заради што побегнал на Света Гора, каде што се замонашил и со ретка ревност го минал сиот подвижнички раст. Немања тргна по примерот на синот, па и самиот отишол на Света Гора, се замонашил и умре како монах Симеон. Сава издејствувал кај царот и кај патријархот независност за српската Црква и станал прв архиепископ српски. Заедно со татко му го подигнале манастирот Хиландар, а потоа и многубројни манастири, цркви и училишта по српската земја. Двапати патувал на поклонение во Светата Земја. Ги измирувал своите браќа раскарани околу власта, ги мирел Србите со соседните народи. Се упокои во Трново, во времето на царот Асен, откако се разболел после литургијата на Богојавление, на 12 јануари 1236 година. Кралот Владислав му го пренел телото во Милешево, од каде што Синан паша го земал и го запалил на Врачар во Белград, на 27 април 1595 година.