Соединетите Американски Држави (САД) ќе одговорат „остро“ доколку Русија ја „премине украинската граница“, соопшти Белата куќа откако американскиот претседател Џозеф Бајден предупреди дека ситуацијата „може да излезе од контрола“ во случај на напад на Украина.
„Ако руските воени сили ја преминат украинската граница, тоа би било нова инвазија… Таков напад ќе наиде на брз, остар и обединет одговор од Соединетите Држави и нивните сојузници“, изјави доцна синоќа портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.
Претходно, на прес-конференција во Белата куќа, Бајден на прашањето за ризикот од директен конфликт меѓу НАТО и Русија, во случај Москва да ја нападне Украина, рече дека „ситуацијата може да излезе од контрола“.
„Ситуацијата може многу лесно да излезе од контрола поради границите на Украина и поради она што Русија можеше или не можеше да го направи“, рече американскиот претседател.
Бајден вчера ја одржа првата прес-конференција во 2022 година, во пресрет на годишнината од полагањето заклетва.
Претседателот на САД зборуваше за успесите на неговата администрација во изминатата година.
Прашањата на новинарите најмногу се однесуваа на тензиите во односите со Русија и акумулацијата на руските сили на границата со Украина.