Данска ќе одржи референдум за учество во заедничката европска одбранбена политика на 1 јуни, по руската инвазија на Украина, речиси 30 години откако Данците одлучија да останат надвор од шемата на ЕУ, објави во неделата данската премиерка Мете Фредериксен.
„Се надеваме дека сите Данци ќе го поддржат укинувањето на „отстапување“, кое историски ја држеше Данска, членка на НАТО, подалеку од воената политика на ЕУ.
„Историските времиња бараат историски одлуки“, рече премиерката на новинарите, додавајќи дека очекува зголемување на трошоците за одбраната во следните неколку години.
Засега, данската влада одлучи да одвои седум милијарди круни (околу 940 милиони евра) како дополнителни средства за одбраната во следните две години.
Како резултат на геополитичкиот пресврт предизвикан од руската инвазија на Украина, и Данска има намера „што е можно поскоро да стане независна од рускиот гас“, рече премиерот.
Претстојниот референдум ќе биде деветто гласање во Данска за европски прашања од влезот во ЕУ во 1972 година.
По референдумското отфрлање на Договорот од Мастрихт во јуни 1992 година, Копенхаген доби отстапувања во неколку области, пред се единствената валута, но и судството, полицијата и одбраната.
Добиените отстапувања и овозможија на власта една година подоцна да организира нов референдум, на што Данците рекоа – да. Тие отстапувања мора да се укинат со референдум.
На референдумот во декември 2015 година, Данците одбија да ја зајакнат соработката со Европската унија во полициска и безбедносна смисла, поради страв дека ќе го изгубат својот суверенитет во однос на имиграцијата.