Бројот на жртвите во самоубиствениот напад во градот Пешавар во северозападен Пакистан се искачи на 87, додека најмалку 57 лица се повредени, од кои седум се во критична состојба, изјави денеска портпаролот на болницата.
Напаѓачот облечен во елек полн со експлозиви ја активирал направата во џамијата во понеделникот за време на молитвата, на која присуствувале околу 400 луѓе, пренесува Ројтерс.
Пакистанскиот талибански командант Сарбакаф Мохманд ја презеде одговорноста за нападот во објава на Твитер, соопшти агенцијата.
Пешавар е главен град на северозападната погранична провинција Хајбер Пахтунхва и планинските области кон Авганистан, каде што бунтовничките пакистански талибанци се присутни во голем број, поради што е место на чести напади на милитантите, според АП.