Русија ќе ги пренасочи испораките на јаглен на алтернативни пазари, бидејќи Европската унија одбива да прифати испораки – изјави денеска за новинарите портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
Се разбира, јагленот и понатаму е многу популарна стока, нагласи Песков.
Потсетуваме, членките на Европската унија синоќа одобрија нови санкции против Русија, кои вклучуваат ембарго за увоз на руски јаглен.
Амбасадорите на ЕУ се договорија за петтиот пакет санкции кон Русија, вклучително и ембарго за јаглен, со период од 120 дена за да им се даде време на земјите-членки на ЕУ да најдат алтернативни добавувачи, објави Ројтерс.
Германија ќе мора да го искористи целиот период на транзиција за да ја спроведе забраната за увоз на руски јаглен врз основа на санкциите на Европската унија, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц. Рускиот вицепремиер Александар Новак вели дека „ќе биде тешко за некои европски земји, кои во голема мера се потпираат на увоз на јаглен од Русија, веднаш да ги одбијат руските испораки“.
Според него, Русија ќе може да го пренасочи извозот на јаглен во азиско-пацифичките земји со користење на слободните капацитети во пристаништата на Црното Море и Балтикот.