Дерби-дуелот меѓу Шкупи и Шкендија имаше неславен крај по само десет минути и нема да се одигра во овој термин, а прашање е и дали воопшто ќе се одигра.
По голот на Шкендија во 9. минута на Дашмир Елези (0-1), следеше општ хаос на теренот. Навивачи влегоа на тревнинот и се степаа со играчите на гостинскиот тим. Летаа факли, камења, шишиња и други тврди објекти, по што играчите на Шкендија се повлекоа од теренот со помош на полицијата и специјалните единици.
По меѓусебната пресметка, судијата Качевски и делегатот одлучија дека овој натпревар нема да продолжи затоа што нема услови за такво нешто. За повеќе информации се очекува вест од Фудбалската федерација на Македонија.
Дуелот меѓу Шкупи и Шкендија се играше во рамки на четвртфиналето од Купот на Македонија.