Заканата од висок руски функционер, кој рече дека Русија ќе ги нападне западните комерцијални сателити доколку оцени дека и помагаат на Украина во војната, ги загрижи вселенските адвокати.
Тие наведуваат дека никогаш во историјата ниту една земја не нападнала сателит на друга земја со проектил и дека таквиот чин за време на војната во Украина значително ќе ги зголеми тензиите меѓу Русија и САД.
„Оваа закана нè носи на работ на нешто што досега не сме го виделе“, рече Мишел Ханлон, директор на Одделот за право на воздух и вселена на Универзитетот во Мисисипи.
Тој додава дека според меѓународното право и законот за војна, рускиот напад врз комерцијални сателити на американска приватна компанија може да се смета за воен чин на кој САД би можеле да одговорат.
Портпаролот на Белата куќа Џон Кирби синоќа изјави дека секој напад врз американската инфраструктура ќе предизвика одговор, но не даде детали.
„Правните аспекти на сето ова се многу матни во моментов. Ние едноставно немаме примери за употреба на сила во војна против сателитите“, изјави за Ројтерс Брајан Виден, аналитичар во фондацијата „Secure World“.