Со денешното потпишување на договорот за заем меѓу Град Скопје, Министерството за финансии во Владата на Република Северна Македонија и Европската банка за обнова и развој и официјално почнува постапката за изведба на БРТ системот за брз автобуски превоз во Скопје.

Договорот за заем го потпишаа градоначалникот Петре Шилегов, министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорот на канцеларијата на ЕБОР во Скопје, Анди Аранитаси, а на потпишувањето на овој важен документ присуствуваше и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

„Го остваруваме 40 години стариот сон на скопјани за трамвај, обезбедувајќи систем подобар од трамвајот согласно со условите кои ги овозможува денешно Скопје. Горди сме што Скопје е првиот град на Балканот кој ќе воведе БРТ систем, што не е само успех за градот, туку е успех и за целата наша држава. Скопје добива брз, безбеден и одржлив јавен транспорт кој ќе биде доволно атрактивен и ќе овозможи директно намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа индиректно ќе се намали и аерозагадувањето во делот на сообраќајот. Подигнувањето на брзината и достапноста на јавниот транспорт несомнено ќе значи и зголемување на бројот на патници кои го користат јавниот транспорт во Скопје“, рече градоначалникот Шилегов.

Тој објасни дека екипи на Градот Скопје и на ЈСП досега работеа на подготовка на техничката документација за овој систем.

„Трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде со должина од 12,81 километар во една насока, ќе има 21 автобуска постојка и 2 терминала, во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче. Според првичните проценки, приближниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса ќе биде околу 65.000 луѓе на ден. Со имплементација на првата фаза, се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 отсто, да се зголеми фреквенцијата на автобуси на секои 3-4 минути. Времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути“, изјави Шилегов.

Автобусите од БРТ системот ќе бидат со хибриден погон на гас и електрична енергија и со должина од 18 метри, а целиот систем е поставен така што во иднина ќе може да прими и 24 метарски возила.

– Важно е да се нагласи дека во рамките на ЕБРД, овој проект е заведен како зелен проект, се финансира во рамките на мрежата на зелени градови, во која Скопје е член од 2019 година. Притоа, станува збор за еден од клучните проекти кои се дел од Акцискиот план за зелен град кој го подготвивме со помош на ЕБРД. Се радувам што ова на некој начин е верификација на еколошките политики кои што ги креираме како градска администрација и што после неколку децении конечно ќе почне да се имплементира овој стратешки проект за градот. Остануваме и понатаму посветени не само на унапредување на одржливата урбана мобилност во градот која е своевидна гаранција и за урбаниот развој на градот и генералното унапредување на квалитетот на живот на нашите сограѓани, нагласи градоначалникот.

За министерот за финансии, Фатмир Бесими, вакви иницијативи за создавање зелена, поинклузивна и одржлива економија се совпаѓаат со економското заздравување од Ковид-кризата, а придобивките за нашата економија се повеќекратни.

Според министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, одлика на секоја метропола е развиената транспортна мрежа која нуди брз и ефикасен превоз меѓу сите точки во градот, а Скопје го заслужува тоа.

Директорот Анди Аранитаси, пак објасни дека Европската банка за обнова и развој и Градот Скопје ја започнаа партнерската соработка во 2019 година кога банката го прифати Градот Скопје во нејзиното семејство зелени градови кое во моментов брои 45 града од 23 земји.

„Оттогаш Градот Скопје напорно работеше да го подготви акцискиот план за зелени градови кој ги идентификува приоритетните инвестиции и политики насочени за справување со еколошките предизвици на главниот град. Од 2019 година, ова е третиот проект кој ЕБОР го финансира во Скопје, по проектот за набавка на новите автобуси на компресиран гас и изградбата на пречистителна станица за отпадна вода која се очекува да почне со реализација следната година“, потенцира Аранитаси.

By Admin