Полска почна да гради ѕид на источната граница со Белорусија со цел да спречи илегален влез на мигранти на територијата на ЕУ.
Металниот ѕид висок 5,5 метри, со бодликава жица на врвот, ќе чини повеќе од 350 милиони евра и ќе се протега по 180 километри од копнениот дел на границата со Белорусија, која ја вклучува и реката Буг.
Две градежни фирми ќе го градат ѕидот деноноќно, а работите треба да завршат до јуни.
Полска почна да го гради ѕидот во време кога европските земји разговараат за зајакнување на заштитата на надворешните граници и прописите за враќање на мигранти кои немаат дозвола за престој во ЕУ во нивните земји на потекло.
Критичарите и еколозите велат дека ѕидот нема да ги запре мигрантите и ќе ја оштети шумата Бјаловиеза, една од последните недопрени шуми во Европа.
Притисокот на илјадници мигранти од Блискиот Исток и Африка на пошумената граница на Полска и Литванија со Белорусија започна летово и доведе до конфликт со полските гардисти. Полска потоа постави жилет-жица на границата со Белорусија и го зголеми бројот на гранична полиција.
Европската унија ја обвини Белорусија дека намерно испраќа мигранти на границата со цел да го дестабилизира блокот од 27 нации, повикувајќи се на санкциите наметнати врз белоруски официјални лица поради репресијата на противниците на владата по претседателските избори во август 2020 година.