Полицијата во Еквадор пронашла речиси 8,8 тони кокаин во пратка со банани наменета за Белгија, со проценета улична вредност од околу 330 милиони долари, изјави полицискиот командант Фаусто Салинас.
Еквадор стана една од главните транзитни земји за кокаин произведен во соседните Перу и Колумбија.
Минатата година во таа земја на Андите беа запленети повеќе од 200 тони дрога, од кои најголем дел во пристаништето Гвајакил.
Бидејќи Еквадор е најголемиот извозник на банани во светот, шверцерите често се обидуваат да ги сокријат своите нелегални пратки меѓу овошјето испратено од Гвајакил до дестинации низ целиот свет.
Белгија стана земја во која се запленети најголемите количества кокаин во рамките на ЕУ во последните години, а пристаништето Антверпен е главната влезна точка за нелегални дроги.
Директорот на Европскиот мониторинг центар за дроги и зависности од дрога, Алексис Гоздил, на почетокот на овој месец изјави дека „растечкиот проток на кокаин сега и се заканува на целата ЕУ“.
– Длабоко сум загрижен што растечкиот пазар на кокаин во ЕУ доведува до зголемување на насилството и корупцијата во јавните институции и администрацијата – предупреди Гоздил, пренесе Би-Би-Си.
Во Еквадор, насилството поврзано со трговија со дрога вртоглаво се зголеми, бидејќи моќните мексикански картели се инфилтрираа во локалните банди за да добијат контрола над профитабилниот бизнис.
Затворите се преполни, а десетици луѓе загинаа во тепачките меѓу ривалските банди зад решетки.