Војна во Украина – 483 ден
Узбуна во московската област
Украина денеска се обиде да изврши напад со беспилотни летала врз објекти во московскиот регион, но сите три беспилотни летала беа соборени и немаше жртви или штети, соопшти руското Министерство за одбрана.
„Денеска беше спречен обид на режимот во Киев да изврши терористички напад врз цели во Московскиот регион, со три дронови од типот на авиони“, се вели во соопштението, пренесува РИА Новости.
Според руското министерство, во неуспешниот напад нема жртви и материјална штета.
Забележано е дека дроновите биле оневозможени со електронски средства, по што изгубиле контрола и паднале.
Напад со дронови на Киев
Сирените за воздушен напад вчера се огласија низ Украина, а властите соопштија дека неколку бранови напади со беспилотни летала во регионот на Киев ги оштетиле далноводите.
Украинската компанија „Укроборонпром“ успешно користеше сопствен дрон со домет од 1.000 километри, изјави портпаролката на производителот Наталија Сад.
Од друга страна, руските сили за воздушна одбрана соборија беспилотно летало над подрачјето на северен Крим, изјави шефот на таа област под руска контрола, Сергеј Аксјонов.
Шанси за преговори скоро да нема
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија гледа мали шанси за мировни преговори со Украина поради позицијата на Киев по ова прашање, и покрај конструктивните напори на африканската мировна мисија.
Во исто време, американскиот претседател Џозеф Бајден оцени дека заканата дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да употреби тактичко нуклеарно оружје е „реална“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предложи финансиска резерва за Украина од 50 милијарди евра во следните четири години, која вклучува заеми и грантови.