По разорниот земјотрес утринава, во централна Турција денеска беше регистриран нов земјотрес со интензитет од 7,7 степени според Рихтеровата скала, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).

Според ЕМСЦ, земјотресот е регистриран во 13 часот и 24 минути по локално време бил на длабочина од два километри, на оддалеченост од 67 километри североисточно од Кахранманмараш. Оваа област се наоѓа на половина пат меѓу Анкара и Газинтеп, каде рано утринава беше регистриран првиот земјотрес.

По најсилниот земјотрес од 7,8 степени според Рихтеровата скала, Турција ја погодија и неколку земјотреси со јачина меѓу 4 и 5 степени според Рихтеровата скала.

Во меѓувреме, претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган изјави дека бројот на жртви од земјотресот што утрово ја погоди Турција се искачи на 912.

Тој додаде дека 5.383 лица се повредени во силниот земјотрес со интензитет од 7,98 степени според Рихтеровата скала што рано утринава погоди дел од Турција во близина на границата со Сирија.

Најмалку 386 лица загинаа во Сирија, од кои 239 главно во регионите Алепо, Хама, Латакија и Тартус, објави сириската државна телевизија. Илјадници се повредени.

By Author