Кина цврсто се противи на американска продажба на оружје на Тајван и испрати остри изјави до Вашингтон, соопшти кинеското Министерство за одбрана.
-Кинеската страна изразува силен протест против испораката на американско оружје во регионот на Тајван. Американската страна, игнорирајќи ги основните грижи на Кина, грубо се меша во внатрешните работи на Народна Република Кина, обидувајќи се да го зголеми степенот на тензија во Тајван. Всушност, тоа ја забрзува трансформацијата на Тајванскиот теснец во буре барут, туркајќи го народот на Тајван во бездната на катастрофата, се вели во соопштението на кинеското Министерство за одбрана.
Американскиот Стејт департмент одобри потенцијална продажба на муниција и логистичка поддршка на Тајван во два одвоени договори во вредност до 440 милиони долари, соопшти Пентагон минатата недела.
Тајванските власти побараа набавка на муниција со калибар 30 милиметри, вклучително и запаливи куршуми со висока експлозија, повеќенаменски куршуми и обуки, со проценета вредност од 332,2 милиони долари, соопшти Пентагон, пренесе Ројтерс.
Главни изведувачи ќе бидат „Alliant Textile Systems Operations“ и „General Dynamics“.
Покрај тоа, Тајван побара и логистичка поддршка, чија проценета цена е 108 милиони долари.
Во соопштението на Пентагон се наведува дека логистичкиот аранжман се однесува на набавка на резервни делови, оружје и други придружни елементи.
Министерството за одбрана на Тајван објави дека оваа продажба ќе го зголеми отпорот на островот на „сериозните закани“ од Пекинг.
Во соопштението на тајванското министерство се додава дека Кина продолжува да користи тактики на „сивата зона“, вклучително и испраќање дронови, балони и чамци во областите во близина на ост ровот.