Нема најава за преговори, откако СОНК попладнево одлучи да го продолжи штрајкот.
Штрајкот во училиштата и градинките низ државава на членовите на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) продолжува, поради што втора работна недела нема настава и згрижување на децата. Советот на СОНК одлучи да не го прифати предлогот на Владата за 10 проценти покачување на платите со кој би се прекинал штрајкот почнат на 11 април
За синдикатот не е прифатлив предлогот на Владата во време на криза и инфлација за 10 проценти да се зголемат платите на наставниците и воспитувачите. Иако училиштата и градинките остануваат празни, синдикалците уверуваат дека на ученциите нема да им биде скратена можноста да го надокнадат изгубениот материјал.
За Владата, одлуката на СОНК е неодговорна и несериозна. Бараат синдикатот да има поголема доверба во институциите, затоа и претходно преку дијалог бил постигнат договор за истиот проблем. Неопходне е просветните работници да се врата на работа и да продолжи образовниот процес.
-Владата смета дека е неодговорно и покрај понуденото решение за раст на платите во образованието и детската заштита и воспитание да се продолжи со штрајкот и да се руши веќе воспоставениот образовен процес во услови кога се соочуваме со економска и здравствена криза. Најдобриот интерес на децата треба да ни е на прво место, бидејќи правото на образование на секое дете е уставно загрантирано право. Учениците треба да се вратат во училиштата, таму каде што припаѓаат. Со продолжувањето на штрајкот и одбивањето на понудата на Владата со која се отвора простор за трајно решавање и подобрување на стандардот на вработените во образованите, ризикот за продолжување на училишната година е особено извесен. Во овој контекст, несериозно е да се ставаат во ризик и да им се прави штета во личниот развој на децата кои треба да го продолжат образованието, да се запишат во средните училишта, да полагаат матура и да се запишат на факултетите во земјава и странство, стои во соопштението.
Од Владата велат и дека согласно законот за работни односи и Колективниот договор за основното, средното образование и за градинките , на вработените кои штрајкуваат ќе им се исплатат само придонесите на платите.
Ова произлегува од одлуката на СОНК да организира и одржува генерален штрајк за унапредување на правата на работниците, а во периодот од шест месеци од донесувањето односно зголемувањето на минималната плата. Законската обврска за усогласувањето е шест месеци од донесувањето, односно зголемувањето на минималната плата и Владата, а министерствата и СОНК се уште преговараат во овој законски предвиден рок, пишува во соопштението.
Претходно, министерот за образование ги повика наставниците да се вратат на своите работни места, а дијалогот меѓу двете страни да продолжи. И министерката за труд и социјална политика ги повика воспитувачите да се вратат во градинките, затоа што секој изгубен ден плус му штети на детскиот рaзвој.