На 16.05.2021 на подрачјето на СВР Штип полициски службеници спроведоа акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 98 прекршоци, од кои 31 на подрачјето на Штип, 15 во Кочани, 3 во Пробиштип, 18 во Виница, 8 во Делчево, 10 во Берово и 13 во Свети Николе. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 15 прекршоци за управување возило без возачка дозвола, 2 за нерегистрирани возила, 2 за некористење на сигурносен појас и 4 за непрописно паркирање.
На 15/16.05.2021 на подрачјето на СВР Битола била спроведена акциска контрола на возила кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле констатирани вкупно 85 прекршоци надвор од населено место и 73 пречекорувања на брзината во населено место. За сите прекршоци изречени се соодветни санкции.
На 16.05.2021 во 14.00 часот во Полициска станица Радовиш било пријавено дека на магистрален пат Радовиш – Штип, во населба Дамјан, радовишко, се случила сообраќајна незгода помеѓу мотоцикл „кавасаки нинџа“, со гевгелиски регистарски ознаки, управуван од П.Д.(43) од Гевгелија и трактор „имт 539“, со радовишки регистарски ознаки, управуван од Б.Т.(59) од с.Дамјан. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Медицински центар Штип. Увид на местото на незгодата извршила екипа на Полициска станица Радовиш.
Секторот за внатрешни работи Струмица во текот на 16.05.2021 спроведе засилени контроли во областа на сообраќајот. Притоа, биле констатирани 69 прекршоци, од кои 47 за управување на моторно возило со брзина поголема од дозволената. Сите констатирани прекршоци биле соодветно санкционирани.
На 16.05.2021 околу 17.50 часот во СВР Куманово било пријавено дека на крстосница од бул.„Трета македонска ударна бригада“, ул.„Бранко Богдански Гуцман“ и пат за с.Проевце се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „цитроен“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.П.(72) од Куманово, во кое сопатник бил Л.П.(68) од Куманово и патничко возило „опел астра“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од И.Ј.(30) од Куманово. По незгодата сите учесници биле пренесени во Општата болница Куманово, каде кај И.Ј. и Л.П. биле констатирани повреди, додека кај Б.П. биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на незгодата извршила екипа од СВР Куманово.
На 16.05.2021 во 00.50 часот кај место викано „Три Води“, атар на с.Брезно, тетовско, полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода Б.Б.(30), А.С.(20), И.Р.(22), тројцата од с.Слатино, тетовско и Б.Е.(36) од с.Непроштено, тетовско, бидејќи кај нив биле пронајдени ловечка пушка „Ата“, со 30 парчиња муниција, еден карабин „Сава Сарс“, со три куршуми калибар 8,57 мм, пиштол „Глок“ и рамка со 16 куршуми калибар 9 милиметри, за кои не поседувале дозвола, ловечки нож и патничко возило „шкода фелиција“ без регистарски ознаки. Лицата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 16.05.2021 во 15.00 часот во СВР Скопје, И.Ј.(39) од Скопје пријавил дека во Градскиот трговски центар во Скопје неговата малолетна ќерка била касната од куче скитник.
На 16.05.2021 околу 16.35 часот во СВР Куманово било пријавено дека на крстосница од ул.„Тоде Мендол“ и ул.„Перо Илиевски“ се случила сообраќајна незгода помеѓу мопед „априлиа“, со кумановски регистарски ознаки, управуван од 13-годишна малолетничка, на кој се превезувала уште една 13-годишна малолетничка, и двете од Куманово и патничко возило „фолксваген голф“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од В.К.(25) од Куманово. По незгодата, малолетничката која го управувала мопедот била пренесена во Општата болница Куманово, каде ѝ биле констатиранни тешки телесни повреди. Увид на местото на незгодата извршила екипа од СВР Куманово.