Аргентинецот Матијас Дијас Хернандес беше најбрз и стигна прв на целта на 35от  Охридски пливачки маратон . Тој 25 километарската патека „Климе Савин“ од Св. Наум до Охрид ја мина за време од 5 часа, 50 минути, 30 секунди и 5 стотинки.

Трката беше многу тешка, бидејќи водата беше студена и имаше бранови. Многу сум среќен што победив, рече Хернандес.

Втор на целта пристигна Франческо Гетини од Италија кој по четврти пат плива на Охридскиот маратон од кои на 32-от беше победник,.

Долга е трката, на крај имаше бранови и беше тешко. Последниот час беше стварно тежок. Задоволен сум со второто место, рече Гетини.

Градоначалникот Пецаков истакна дека традицијата во Охрид продолжува и за следната година најави дека манифестацијата ќе има повеќе содржини и ќе биде побројна.

Нашиот пливач македонецот Евгениј Поп Ацев пристигна трет на целта а веднаш зад него и нашиот втор учесник Александар Илиевски.

Оваа година се одржа во септември за разлика од традиционалниот термин, последната недела од август. Сезонава имаше проблеми со одржувањето на Охридскиот маратон, во еден момент дури беше откажан, а потоа по реакциите од јавноста сепак презакажан.

Оваа најголема меѓународна спортска манифестација во Македонија секоја година може да се пофали со се посилна конкуренција и во машка и во женска категорија. Првата маратонска трка на релација Горица – Охрид во должина од 2,5 километри е одржана во 1954 година, а првиот вистински маратон се одржа во 1962 година на релација Пештани – Струга – Охрид, во должина од 36 километри.

Од 1992 година, Охридскиот маратон се одржува секоја година, а од 1998 година овој натпревар на отворени води стана дел од програмата на Меѓународната пливачка федерација, ФИНА.

By Author