Независниот синдикат целосно го поддржа и реши да се приклучи кон протестот на Синдикатот на полицијата во Македонија.
„Сметаме дека синдикатите се браникот на работничките права и оттаму нивна должност е да ги бранат и унапредуваат, но исто така должност е и на институциите да го почитуваат социјалниот дијалог и да ги консултираат синдикатите кога носат одлуки кои ги засегаат вработените. Недозволиво е држава која е членка на НАТО, а се стреми да стане дел од Европската унија, да ги прекршува работничките права, преку незаконски распоредувања, непочитување на колективни договори и закони, како и Меѓународни конвенции коишто Македонија ги има ратификувано“, стои во соопштението.
Додаваат дека Министерството за одбрана треба да послужи за пример, кога станува збор за почитувањето на колективните договори и закони.
„Ние како репрезентативен синдикат во Министерството за одбрана и АРМ потпишавме Колективен договор кој ги зацврсти правата на вработени. На нашите синдикални колеги од Синдикатот на полицијата на Македонија им посакуваме да се изборат за нивните работнички права. Полицијата, како и Армијата е една од највиталните гранки во јавниот сектор и нефункционалноста на истата поради незадоволството на вработените, може негативно да се одрази врз функционирањето на безбедносниот систем во државата, потенцираат од КСС.