Полските гранични служби вчера известија за зголемување на бројот на мигранти од Блискиот Исток кои се обидуваат илегално да преминат во Европската унија на границата меѓу Белорусија и Полска.
Граничарите привеле 117 мигранти од Сирија, Јемен, Египет, Ирак, Камерун, Мароко и Шри Ланка во изминатите 24 часа, додека други 65 мигранти биле приведени претходниот ден, пренесе АП.
Минатата недела полската гранична служба објави видео од 26 октомври на кое се чини дека белоруските граничари во близина на границата со Полска водат група мигранти и се обидуваат да ги сокријат своите лица од камерата.
Се вели дека белоруските граничари им помагаат на мигрантите да ја преминат границата во Полска, при што повеќето мигранти сега прво патуваат во Русија, а потоа со организираан транспорт одат до Белорусија.
Белоруските граничари активно се вклучени во организирањето на нелегално преминување на белорускато-полската граница, носејќи луѓе кои сакаат илегално да влезат во европските земји, соопшти полската гранична служба.
Зголемувањето на бројот на имигранти доаѓа една година откако илјадници од нив, главно од Блискиот Исток, се појавија во Белорусија и се обидоа да ја пробијат границата на ЕУ, создавајќи криза каде што беа задржани во пограничната област во тешки услови.