Взаемните обвинувања за тоа кој ги саботирал цевководите Северен тек 1 и 2, потрагата по причината за истекувањето на гасот ја претворија во невидена теорија на заговор.
Западот го вперува прстот кон Русија, која е обвинета за овој „тактички потег“, додека Москва смета дека другата страна е виновна. Двете страни се согласуваат дека тоа било саботажа или, како што рече еден германски функционер за безбедност: „Доказите укажуваат на насилен чин, а не на технички проблем“.
Западните медиуми тврдат дека „сето тоа е дел од планот на претседателот на Русија Владимир Путин“. Според британски „Гардијан“, подводните експлозии се дел од руската саботажа, иако весникот признава дека не е јасно како би можел да се изврши нападот и посочува дека, доколку се користи подморница, таа лесно би била откриена, бидејќи се работи за плитки води, каде длабочините ретко надминуваат сто метри.
Според „Гардијан“, Балтичкото Море не е територија на која би имало смисла да се распоредат подморниците „Лошарик“ кои можат да одат до големи длабочини. Еден британски воен извор шпекулираше дека мините можеби биле дискретно поставени од камуфлиран трговски брод и детонирани неколку дена или дури и недели подоцна. Гасоводите, покрај тоа, се исклучително цврсти, бидејќи секој дел од нив е составен од челична обвивка со дебелина од 27 до 41 милиметар и обвиткана во бетонска обвивка од 60 до 110 милиметри.
Кремљ таквите наводи ги нарече „глупави тврдења“, додавајќи дека, во исто време, руските власти забележуваат големо зголемување на профитот на американските компании кои доставуваат гас во Европа.
Московскиот енергетски експерт Игор Јушков смета дека „единствената земја што може да има корист од ставањето на два руски гасоводи надвор од игра одеднаш се САД“.
– Ако е оштетен само еден цевковод, може да се посомневаме во дефект поради фушер при заварување споеви на цевки или механичко оштетување од сидро. Иако цевководите се блиску еден до друг, невозможно е случајно да се зафатат сите четири со сидро во исто време – вели Јушков, кој посочува дека „треба да ги земеме предвид претходните закани од САД“ и додава дека „ова им оди само на рака на САД, бидејќи тие ги палат мостовите на гасната соработка меѓу Европа и Русија“.
Русија е подготвена да ги разгледа барањата на европските земји за заедничка истрага за причините за инцидентот на гасоводот Северен тек, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко, додавајќи дека досега немало такви барања.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вели дека е потребна итна истрага, бидејќи е во прашање енергетската безбедност на целиот континент.
Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт потврди дека германската морнарица се вклучила во истрагата за инцидентот. Норвешката полиција ги зголеми безбедносните мерки околу нафтените и гасните инсталации на нивна територија.
Русија побара денеска да се одржи итна седница на Советот за безбедност на ОН.
ООН: НИЕ СМЕ НЕМОЌНИ
ОН немаат начин да ги потврдат тврдењата дека гасоводите Северен тек 1 и 2 биле предмет на саботажа и се надеваат дека истекувањето на гас ќе биде запрено, изјави портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дижарик.
– Ги видовме написите во печатот, но немаме начин да ги потврдиме тие тврдења, ниту овластувања да ја водиме истрагата – рече тој.