Студија на Националната лабораторија на САД за потеклото на Коронавирусот покажа дека е можна хипотезата според која вирусот протекол од кинеската лабораторија во Вухан. Според „Волстрит журнал“, повикувајќи се на извори запознати со содржината на тајниот документ, се наведува дека оваа теза заслужува понатамошна истрага.
Истражувањето го спроведе Националната лабораторија Лоренс Ливермор во Калифорнија во мај минатата година, а резултатите му беа испратени на Стејт департментот на САД, кој спроведе истрага за потеклото на вирусот корона за време на последните месеци од владеењето на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Заклучокот на американската лабораторија се заснова на анализа на геномот на вирусот, пренесува весникот. Сепак, лабораторијата одби да ги коментира наводите на „Волстрит журнал“.
Американските разузнавачки агенции сметаат дека се можни две сценарија – дека вирусот се проширил по лабораториска несреќа или е предизвикан од човечки контакт со заразено животно, но сè уште не се донесени заклучоци.
Во доверливиот извештај на американското разузнавање, кој беше циркулиран за време на администрацијата на Трамп, се вели дека тројца истражувачи од кинескиот институт за вирусологија во Вухан во ноември 2019 година биле толку болни што биле хоспитализирани.
САД ја обвинија Кина дека не е доволно транспарентна кога станува збор за истражување на потеклото на вирусот, но Кина ги негираше обвинувањата.