Ја знаете онаа ЛУД – ЗБУНЕТ – НОРМАЛЕН, само што за жал во нашава мала напатена државичка изгледа никој НОРМАЛЕН не остана. Се прашувам зошто ли ни се празни државаа.
Претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски пред некој ден од собраниската говорница образложи што направиле во мандатот на оваа влада. Слушајки го него би помислиле дека овде тече мед и млеко, жителите од нордијските држави би посакале да се преселат кај нас.
За тоа што е направено во мандатот на оваа Влада и што гледаат граѓаните говорат бројните економски показатели, просечната плата сега е над 34.000 денари а во време на ВМРО-ДПМНЕ беше едвај 20.000 денари, рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, во реплика, во рамки на собраниската дебата за реконструкција на Владата.
-Во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше власт минималната плата беше 8.000 денари сега е 18.000 денари. А од март ќе стане над 20.000 денари.
Пензиите ги зголемивме за 10%, сега ќе има уште едно зголемување во март. Погледнете ја просечната плата кога во време на ВМРО-ДПМНЕ беше едвај 20.000 денари а погледнете ја денеска просечната плата, над 34.000 денари, рече претседателот Ковачевски.
Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски ги посочи и антикризните мерки вредни 760 милиони евра со кои се сочува економијата и се поддржа стандардот на граѓаните и компаниите во време на најголема економска и енергетска криза.
– 760 милиони евра антикризни мерки. 80% субвенционирање на цените на струјата за граѓаните. Пет пати помалку плаќаат граѓаните цена на струјата од тоа да не е субвенцијата. Компаниите плаќаат три пат помала електрична енергија. Тоа се 72.000 компании во државата кои вработуваат над 90% од вработените, рече Ковачевски.
Само кога би ја споредиле куповната моќ на тогашните 20.000денари со сегашните 34.000 многу работи би биле појасни.
Блазе си му на овој Македонски народ колку грижа од сите досегашни влади за него, а он не е ни свесен.