Безбедносните активности на стадионите продолжуваат во соработка со катарските сили и вооружените сили на пријателските земји како и со Комитетот за безбедност на ФИФA
Катар
Остануваат уште седум дена до почетокот на Светското првенство кое се игра во Катар, а надлежните служби вршат увид во безбедносните услови на импозантните стадиони изградени и опремени од домаќинот за смотра на најдобрите фудбалски селекции во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за одбрана на Катар соопшти дека во моментов се вршат инспекции против опасни хемиски и радиоактивни материи на стадионите на кои ќе се играат натпреварите од Светското првенство.
Во соопштението се наведува дека безбедносните работи на стадионите продолжуваат во соработка со вооружените сили на пријателските и братски земји, како и со Комитетот за безбедност на ФИФА.
Во овој контекст беше посочено дека денеска се спроведени безбедносни тестови на стадионите Ал-Бајт и стадионот „974“.
Светското првенство во Катар ќе се игра од 20 ноември до 18 декември, а за безбедноста за време на Мундијалот ќе се грижат катарските безбедносни сили, како и силите од Турција, САД, Велика Британија, Франција, Германија, Полска, Италија, Шпанија, Саудиска Арабија, Кувајт, Пакистан, Јордан и Палестина.