Канада испрати помал контингент специјални сили во Украина, објави „Глобал њуз“, повикувајќи се на неименувани извори.
Овој потег е дел од напорите на сојузниците на НАТО да „спречат руска агресија и да покажат поддршка за украинската влада“, се вели во написот.
Една од нивните задачи е да ги евакуираат канадските дипломати во случај на ескалација во Украина.
Претходно телевизискиот канал CBC објави дека Канада испратила 200 војници во Украина за да помогнат во обуката на локалните безбедносни сили.
Да потсетиме, Западот во последните месеци ја обвинува Русија дека ги концентрира силите на границата со Украина и планира инвазија на таа земја.
Во Москва нагласуваат дека воените сили ги преместуваат на своја територија, согласно Уставот и дека не претставуваат закана за никого.
Русија предупредува и дека тезите за „руска агресија“ се користат како изговор за зголемување на контингентот на НАТО во областите на границата со Русија.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров истакна дека НАТО ја зголемува испораката на оружје за Украина и дека е зголемен и бројот на западни инструктори во таа земја.
Сето тоа, посочи рускиот дипломат, може да ги доведе властите во Киев кон „воени авантури“, а тоа претставува директна закана за безбедноста на Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека натамошното проширување на Алијансата на исток и распоредувањето на оружје на територијата на Украина и другите соседни земји е црвена линија за Русија.