Половните автомобили често знаат да бидат „мачка во торба“, но тест возењето може да открие многу дефекти и проблеми кои не се забележуваат на прв поглед.
Затоа ви носиме неколку совети за првото возење на половен автомобил.
Тест возење на автомобил пред да го купите најдобро ќе открие за какво возило се работи, но и дали тоа лично вам ви одговара. Тест возењето на половен автомобил е многу покомплицирано отколку да пробате ново возило, првенствено затоа што барате потенцијални проблеми.
Прво детална проверка
Пред вистинското тест возење, проверете ја состојбата на автомобилот и побарајте потенцијални оштетувања на каросеријата и тркалата, но и проверете ја состојбата на внатрешноста и дали има непријатни мириси во кабината. Ако автомобилот ви одговара, а успеавте да најдете некои недостатоци, тоа би можело да ви помогне да ја намалите цената.
Задолжително погледнете ја километражата и проверете дали километражата е во согласност со целокупната состојба на возилото. Доколку се сомневате, со помош на бројот на шасијата можете да проверите колку километри всушност автомобилот поминал на Интернет.
Дали моторот е жежок?
Кога ќе стигнете до автомобилот, проверете дали моторот е жежок, бидејќи дилерите знаат како да ги загреат постарите автомобили кои имаат погрешно палење кога моторот е ладен. Ако ја почувствувате топлината што доаѓа од моторниот простор, задолжително прашајте го продавачот, а неговиот одговор може да ви каже колку е искрен.
Притиснете го секој прекинувач во кабината за да бидете сигурни дека сè работи. Кога го стартувате моторот, обрнете внимание на светлата на таблата со инструменти, бидејќи некои од нив може да укажуваат на грешка.
Возењето е клучно
На пат, обрнете посебно внимание на чувството на квачилото и сопирачката. Педалите мора да имаат непречен пат, сопирачките да имаат прогресивна моќ на запирање, а квачилото да има јасна точка на блокирање. Моторот треба да обезбеди непречено забрзување, без неочекуван и непотребен шум, цвилење, како и без премногу издувни гасови. Ако возилото има рачен менувач, пробајте ги сите брзини неколку пати, а ако имате проблем при менувањето на брзина (тешко се избира брзина, крчи, заглавува), тоа може да значи дека може да има проблем со менувачот или квачилото. На безбеден дел од правиот пат, додека сопирате, накратко пуштете го воланот за да видите дали автомобилот се повлекува на едната страна.
Обрнете внимание на звуците
Ако суспензијата испушта невообичаени звуци додека возите, обавезно проверите го автомобилот кај механичар пред да го купите. Дополнително, ако слушнете штракање или зуење од кабината, прашајте го вашиот продавач за причината. Постарите автомобили често го имаат овој проблем, но ако тоа не ви пречи, не треба да биде причина да не го купите.
Автопатот открива скриени проблеми
Ако сте во можност, задолжително тестирајте го автомобилот со поголеми брзини на автопат. На овој начин можете да откриете некои проблеми кои не се забележуваат во градот, како што се состојбата на гумите, брзините, полуоските и дисковите. Ако воланот се тресе при поголеми брзини, тоа укажува на проблем што обично се решава со балансирање на тркалата или со местење на менувачот, но во некои случаи причината може да бидат и оштетени бандажи, проблеми со суспензијата, како и абење и кинење на компоненти на овој систем.
По тест возењето
Ако планирате да тестирате неколку автомобили, запишете ги вашите впечатоци по секое тест возење. Продавачот ќе сака да ја заврши работата што е можно поскоро, но не попуштајте под притисокот. Тест возење е токму тоа, и вие немате никаква обврска да продолжите со процесот на купување доколку не сакате. Најдобро е да ги соберете впечатоците дома, па да се вратите и да го потпишете договорот доколку автомобилот ви одговара.