Лидерот на ДУИ и „огнените“ се појавија заедно по шестчасовните разговори, по кои Ахмети изјави дека во ДУИ не постои никаква „огнена група“
По речиси шест часа во седиштето на ДУИ во Мала Речица кај Тетово заврши средбата на претседателот на партијата Али Ахмети со т.н. „огнена група“ која бара реформи во партијата и разрешување на актуелни високи владини функционери од редовите на ДУИ, во прв ред Артан Груби.
По разговорите, лидерот на ДУИ најави дека „дебатата во партијата ќе продолжи“, а за десетина дена ќе биде одржано Централно собрание на кое ќе се избере ново претседателство на партијата.
На новинарско прашање дали е „изгаснат огнот” на т.н. огнена група, Ахмети рече дека „немало оган” и ќе продолжи партиската дебата.
– „Врз основа на анализата ќе продолжиме понатаму со дебатите. Нема оган, нема пламен, карактеристика на ДУИ е никогаш немало напори да се изгасне различното размислување, да се истисне или да се војува против различно размислување, напротив со почитување на тоа сме дошле до вистинските одлуки. Значи нема оган, и нема да има“, изјави Ахмети.
Пратеникот Изет Меџити, еден од „огнените“, на новинарско прашање рече дека е задоволен од договореното, додека за побараната смена на вицепремиерот Артан Груби рече дека „ќе се продолжи со дебатирање“ околу нивните барања.
До оваа средба и овие одлуки дојде откако на 24 септември медиумите го објавија отворено писмо со кое функционери на ДУИ, кои се нарекоа „огнена група” побараа од раководството да запре „политичката војна” во партијата, а одредени функционери од извршната власт да понесат одговорност. „Огнените“ и Ахмети се сретнаа неколкупати, пред денеска да излезат заедно, во обид да демонстрираат единство по превирањата.