Судскиот совет во предметот „Талир 2” го прогласи за виновен поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и го осуди на казна затвор од шест години за кривичното дело злоупотреба на службена должност. За виновен е прогласен и Кирил Божиновски, кого судот го осуди на две години условна казна.
Воедно, судот го прифати и предлогот на обвинителство и го конфискуваше седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и повеќе партиски штабови низ државата, а ова се однесува на имот стекнат во периодот од 2013 до крајот на 2015 година за кој постои основано сомнение дека е стекнат со противправните дејствија опишани во поднесените обвиненија и кои мерки сѐ уште се во сила, појаснуваат од СЈО.
Судијата истакна дека покрај партиското седиште, се конфискува и имот на партијата распослан низ државата, односно во градовите Берово, Велес, Струмиц, Кавадарци, Кисела Вода, Охрид, Пробиштип, Лозово, Кочани, Струга, Нов Дојран, Неготино, Петровец, Богданци, Градско, Македонска Каменица, Новаци.
Овој имот беше со години замрзнат по барање на Обвинителството, односно вкупно 68 недвижнини.
Груевски и Божиновски беа обвинети за злоупотреба на службената положба, при што овозможиле правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје, да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.