Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска и се закани на Грција дека „една ноќ ќе дојде ненадејно“.
Ердоган претходно ја користеше оваа фраза за да навести за воени операции во Сирија и Ирак против курдските милитанти и неколкупати ја реализираше заканата.
Говорејќи на саемот за воздушна технологија во Самсун, каде Турција го претстави прототипот на беспилотен борбен авион, Ердоган ја нападна соседна Грција, со која растат политичките и воените тензии.
Турција ја обвини Грција дека користела руски ракетни системи С-300 на Крит за да ѓи усмерат турските авиони во август.
Анкара, исто така, рече дека грчките Ф-16 ги малтретирале турските авиони ставајќи ги под радарска блокада за време на мисијата на НАТО над источниот Медитеран.
Атина ја обвини и Турција за нарушување на нејзиниот воздушен простор.
Иако и двете членки на НАТО, Турција и Грција имаат повеќедецениски спорови за неколку прашања, вклучително и територијални претензии во Егејското Море и несогласувања за воздушниот простор таму.
Турција тврди дека Грција ги прекршува меѓународните договори со милитаризирање на островите во Егејското Море.
„Окупацијата на островот не не кочи. Кога ќе дојде време, ќе го направиме она што е потребно. Како што велам, една ноќ може да дојдеме ненадејно“, рече денеска Ердоган.