Пратениците на Европскиот парламент денеска на вонредна седница ќе расправаат за ситуацијата во Украина, а потоа ќе гласаат за Резолуцијата за руската агресија врз Украина.
Нацрт-резолуцијата, покрај острото осудување на „воената агресија на Русија“, поддршката за Украина и повикувањето на ЕУ да ги зајакне санкциите против Москва, содржи и параграф во кој Европскиот парламент укажува на последиците од непочитувањето на санкциите на ЕУ од страна на Србија.
„Европскиот парламент изразува жалење за непочитувањето на санкциите на ЕУ против Русија од страна на Србија, што е штетно за нејзиниот процес на пристапување. Ние го нагласуваме очекувањето дека земјите кандидати за членство во ЕУ ќе се усогласат не само со критериумите на ЕУ, туку и со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ се наведува во нацрт текстот
.Нацрт-резолуцијата, во 46 параграфи, „најостро ја осудува незаконската, неиспровоцирана и неоправдана воена агресија и инвазијата на Руската Федерација врз Украина, како и учеството на Белорусија во оваа агресија“.
Од Руската Федерација се бара веднаш да ги прекине сите воени активности во Украина и да ги повлече воените и паравоените сили и воената опрема од територијата на Украина, а во исто време да обезбеди „неподелена солидарност со украинскиот народ“.
Со оваа резолуција, Европскиот парламент повикува и на „продолжување на дипломатските напори со цел запирање на руската агресија“ и изнаоѓање на „мирно решение со почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.
Земјите-членки на ЕУ бараат натамошна итна хуманитарна помош за Украина, но и проширување на санкциите кои треба да ја „ослабнат руската економија“, вклучително и забрана за увоз на руска нафта и гас во ЕУ.
Во исто време, земјите-членки на ЕУ се повикани „да го прифатат фактот дека строгите санкции против Русија ќе имаат неизбежни негативни ефекти врз нивната економска ситуација“.
Се очекува Европскиот парламент да ги поддржи сите досега воведени мерки на ЕУ, вклучително и поддршка за воено зајакнување на украинската армија.
Според текстот на нацрт-резолуцијата, Европскиот парламент треба да ја повика ЕУ да подготви пакет од неколку милијарди евра за „Обнова на Украина и реконструкција на уништената инфраструктура“, како и да започне процес на одобрување на кандидатскиот статус на Украина за членство во ЕУ.
Резолуциите на Европскиот парламент не се правно обврзувачки и претставуваат проценки и насоки за политиките на ЕУ.