Додека цел свет ги следи настаните во Украина, во Русија започна новото судење на опозиционерот Алексеј Навални. Доколку биде осуден, човекот кој важи за најголем критичар на рускиот претседател Владимир Путин може да добие уште десет години затвор.
Лидерот на руската опозиција е обвинет за проневера на донации од неговата антикорупциска организација ФБК, која го обвини рускиот претседател дека поседува вила вредна милијарда долари и други високи функционери кои се збогатуваат преку корупциски шеми.
Навални ги негираше обвинувањата и ги нарече политички мотивирани.
Новото судење за проневера започна во вторникот во казнената колонија ИК-2, каде Навални ја отслужува постојната затворска казна. Ова место е на три или четири часа возење од Москва, што сериозно ја ограничува можноста на поддржувачите на Навални и набљудувачите да присуствуваат на сослушувањата.
Навални веќе отслужува казна од три и пол години затвор за посебно обвинение за проневера. Тој преживеа обид за труење во 2020 година и беше уапсен откако минатата година се врати во Русија, пренесува Гардијан.
„Властите сакаат да го скријат од сите, од неговите поддржувачи, од новинарите. Толку е мизерено што се плашат да одржат судење во Москва“, напиша неговата сопруга Јулија Навалнаја во објава на Инстаграм пред судењето.
Кога сослушувањето започна во вторникот, Јулија Навални го прегрна својот сопруг, кој беше облечен во син затворски комбинезон. Навални не бил чуван во кафез, како што обично се прави во текот на кривичната постапка во Русија, бидејќи судницата била внатре во затворот.
Марија Певчих, друг главен советник на Навални, рече дека опасноста за Навални пораснала бидејќи вниманието на јавноста се префрлило од загриженоста за човековите права кон потенцијалот на руски напад врз Украина.
„Опасноста по животот на Навални, односно веројатноста тој да биде убиен во затвор, ќе се зголеми експоненцијално, во зависност од тоа што се случува во Украина“, напиша таа.
„Шансите се веќе прилично лоши, но целосната руска инвазија едвај му остава некакви шанси да преживее“, рече таа.
Новинарите велат дека на оние кои сакале да влезат во судницата им било забрането да внесуваат лаптопи, телефони или уреди за снимање.
Навални е обвинет за проневера на донации од неговиот антикорупциски фонд, кој со години истражува владини претставници и предизвикува големи протести против Путин.
Тој е обвинет и за непочитување на судот за наводна навреда на судија за време на претходното судење.