„Во еден момент децата беа без надзор во спалната соба бидејќи секој родител мислеше дека другиот ги гледа“, соопшти полицијата.
3-годишно девојче смртно ја ранило својата 4-годишна сестра во несреќен инцидент во неделата во Тексас, изјави шерифот на округот Харис Ед Гонзалес, пренесе Си-Ен-Ен.

„Наводниот пукач е тригодишно дете. Најверојатно инцидентот бил ненамерен“, рече Гонзалес.

Нарекувајќи го инцидентот „трагичен“, но и инцидент кој можел да се спречи, шерифот изјавил дека во моментот на убиството во станот во Хјустон покрај децата имало и пет возрасни лица.

„Во еден момент децата беа без надзор во спалната соба бидејќи секој родител мислеше дека другиот ги гледа“, рече тој, додавајќи дека девојчето се фатило за наполнет полуавтоматски пиштол.

Семејството го слушнало пукањето и истрчало во собата, каде на подот го нашле четиригодишно девојче без знаци на живот.

„Изгледа како уште една трагична приказна за дете кое добило пристап до огнено оружје и повредило друго дете“, рече Гонзалес.

Пукањето во Хјустон е само последниот случај на дете кое употребило необезбедено огнено оружје за да предизвика трагедија.

Неодамна, шестгодишно момче го застрела својот учител во основно училиште во Њупорт Њуз, Вирџинија.

Помеѓу 2015 и 2020 година, имало најмалку 2.070 случајни пукања од деца под 18-годишна возраст, што резултирало со 765 смртни случаи и 1.366 повредени, според податоците собрани од Everytown Research & Policy, истражувачка група за оружје и против вооружено насилство.

Околу 39 отсто од случаите вклучувале стрелци на возраст од 9 години или помлади, соопшти непрофитната организација.

Повредите од огнено оружје неодамна ги надминаа несреќите со моторни возила како водечка причина за смрт кај луѓето на возраст од 1 до 19 години во САД, според анализата од 2022 година во The New England Journal of Medicine.

„Во ниту една друга голема или богата земја смртните случаи од оружје не се меѓу првите четири причини за смрт, а камоли причина број еден за смрт кај децата“, објави студијата на Фондацијата Кајзер за семејството минатата година.

Американската академија за педијатрија им препорачува на сопствениците на оружје да ги чуваат пиштолите заклучени и испразнети, со муниција заклучена во посебен сеф.

(Telegaf.rs/Tanjug)

By Author