– Овој интересен настан го реализираме во сорaботка со локалниот Вински музеј за регион Тиквеш, Кавадарци, а под покровителство на градоначалникот и општината Кавадарци, за ракии произведени од регистрирани мали дестилерии и индивидуални производители, соопштија организаторите.
На 24 мај годинава во Винскиот музеј во Кавадарци ќе се реализира Меѓународен фестивал и оценување на ракии, информираа попладнево од Здружението на производители и мали дестилерии за жестоки алкохолни пијалоци, „Ж”та од Кавадарци.
На фестивалот ќе има неколку категории за оценување. Лозовова жолта до три години, над три години старост, лозова бела, мастика, овошни ракии од слива, дуња, кајсија, крушка, вишна, ликери, останати ракии како траварици, џин, од други овошја. За над седум мостри од одреден тип ракии, ќе се формира посебна категорија за оценување.
Сите учесници ќе добијат дипломи со постигнати резултати и златни, сребрени и бронзени медали, според пласманот. Ќе има и златни, сребрени и бронзени пехари за првите три најдобро пласирани од секоја категорија, голем златен пехар за севкупен победник за најдобри резултати во повеќе категории и главна награда, казан за печење ракија.
Дегустацијата и оценувањето ќе ги врши петчлена комисија, под раководство на професор доктор Нинослав Никиќевиќ и професор доктор Михаил Петков.
Краен рок за доставување на мострите е петти април, а фестивалот ќе се одржи на 24 мај во Винскиот музеј, со музички хепенинг и дегустирање на производи од грозје.