Скопје доби нова туристичка атракција, Дино паркот лоциран веднаш до скопската зоолошка градина е официјално отворен за посетители. За сите оние кои сакаат да се впуштат во нови и возбудливи авантури и сакаат да дознаат нешто повеќе за неверојатниот свет на диносаурусите, да видат како изгледале Тираносаурус, Стегосаурус и Алосаурус во природна големина, од денеска ќе имаат прилика да го направат тоа токму во овој парк.
-Дино паркот се простира на површина од 2000 квадратни метри и има вкупно 41 реплика на диносауруси од креда и јура периодот, од кои дел се во природна големина со синхронизирани движења, проследени со звуци. Дополнително во Дино паркот функционално се распоредени и придружни елементи – патеки, зеленило и дел за одмор. Ова е првиот Дино парк на Балканот каде што има толкав голем број фигури од праисториски животни, како и едукативни содржини за секој од различните видови животни. Токму поради тоа очекуваме овој парк да прерасне во туристичка атракција која заедно со зоолошката градина која и сега е полна со посетители, дополнително ќе ја збогатат туристичката понуда на градот . Скопскиот Дино парк е еден од најзелените тематски паркови во Европа, со засадени над 300 садници на ниски и на високостеблести растенија, кажа Шилегов, на отворањето на Дино паркот.
Тој дополни дека за изградбата на овој парк од Буџетот на Град Скопје се потрошени околу 350 илјади евра.
-Како што ветивме, Скопје чекор по чекор го менува својот лик во секоја смисла на зборот. Ќе продолжиме и понатаму да го збогатуваме градот и со едукативни содржини претежно за најмладите, но и со содржини кои ќе го подигнат квалитетот на туристичката понуда што секако ќе даде позитивни ефекти кои ќе влијаат на сите жители на градот , изјави градоначалникот.
Дино паркот има два влеза, еден од внатрешноста на Зоолошката градина и уште еден од страната на Градскиот парк, а билетот за влез ќе чини 50 денари.