Американскиот претседател Џозеф Бајден ги повика администрацијата и Конгресот да истражат начини за зголемување на производството на енергија во САД и намалување на контролата на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) врз цените на енергијата, по како што ги нарече, „кратковидото“ намалувања на производството во Земјите на ОПЕК, соопшти денеска Белата куќа.
Бајден најави дека ќе продолжи да управува со користењето на нафтата од националните стратешки резерви во согласност со потребите, се вели во изјавата на советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан и директорот на Националниот економски совет Брајан Дис, пренесува Ројтерс.
Белата куќа претходно вети дека ќе ја прекине употребата на нафта од американските стратешки резерви во наредните недели, но денеска беше објавено дека нафтата од државните резерви ќе продолжи да се користи „по потреба“.
Претходно оваа година, претседателот Бајден одобри користење на 180 милиони барели од резервите.
На денешниот состанок на ОПЕК + во Виена беа игнорирани молбите на Белата куќа да се одржи производството на нафта без ограничувања и беше одлучено производството да се намали за дури два милиони барели дневно, што е најголемото намалување на производството од избувнувањето на пандемија на ковид-19 во 2020 година.
– Претседателот Бајден е разочаран од кратковидната одлука на ОПЕК + да ги намали производните квоти во време кога глобалната економија се соочува со континуираното негативно влијание од инвазијата на Путин на Украина, се вели во соопштението.