Дефицитот на надворешната трговија на САД во февруари порасна за 4,8 проценти, достигнувајќи рекордни 71,1 милијарда долари, покажуваат најновите податоци на Министерството за трговија.

Растот на дефицитот е резултат на поголем пад на извозот отколку увозот, бидејќи американската економија закрепнува побрзо од економиите на нејзините глобални ривали, пренесува Ројтерс.

Вкупниот извоз падна за 2,6 отсто, на 187,3 милијарди долари, а стоките потонаа за 3,5 проценти на 131,1 милијарди долари, на што веројатно влијаеше и бранот на невообичаено студено време во февруари во голем дел од земјата.

Најмногу паднаа испораките на капитални добра на странски пазари, и тоа за цели 2,5 милијарди долари. Намалувањето е забележано кај извозот на стоки за широка потрошувачка, моторни возила, делови и мотори, како и храна и прехранбени производи.

Од друга страна, вкупниот увоз падна за 0,7 отсто, на 258,3 милијарди долари. Увозот на стоки се намали за 0,9 проценти на 219,1 милијарди долари, најмногу поради нарушувањата во синџирот на снабдување, наместо слабата домашна побарувачка.

Имено, увозот на капитални добра забележа рекордно ниво, поттикнато, меѓу другото, со набавка на цивилни авиони, медицинска и електрична опрема.

Исто така, американскиот увоз на индустриски суровини и материјали во февруари беше најголем од октомври 2018 година, што се должи на увозот на сурова нафта во вредност од една милијарда долари.

Во исто време, опадна и увозот на моторни возила, делови и мотори, како и производи за широка потрошувачка.

По неодамнешната шестдневна блокада на Суецкиот канал, економистите предвидуваат дека трговските текови ќе останат „депресивни“ и во март.

Трговскиот дефицит на трговија со стока се искачи на рекордни 99,1 милијарди долари во февруари од 96,1 милијарди долари во јануари.

By Admin