Судот одлучи дека поранешниот американски претседател може да ја напушти судницата без посебни услови.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска по сослушувањето по обвинението за прикривање доверливи документи изјави дека САД се корумпирана земја.
„Имаме земја која е корумпирана, која нема граници. Имаме земја која нема ништо друго освен проблеми“, рекол Трамп во пекара по излегувањето од судот во Мајами, пренесува Sky News.
Тој додаде дека американската нација е во опаѓање и дека во таква ситуација „тие прават вакви работи“, мислејќи на членовите на Демократската партија.
„Имаме земја која пропаѓа како никогаш досега и не можеме да дозволиме тоа да се случи“, рече Трамп.
Поранешниот американски претседател претходно се изјасни за невин по обвинението од 37 точки за злоупотреба на доверливи документи.
Тој претходно беше приведен од американските власти, а во судницата во негово име зборуваше адвокатот Тод Бланч кој изјави: „Секако дека се изјаснуваме за невини“, пренесува Fox News.
Судот одлучи дека поранешниот американски претседател може да ја напушти судницата без посебни услови.
Според американските медиуми, целата процедура траела неколку минути.
Обвиненијата против Трамп произлегуваат од истрагата што започна откако поранешниот претседател, наводно, го спречил Националниот архив да ги извади документите кои биле земени од Белата куќа и преместени во Мар-а-Лаго.
Ова е втор пат во два месеци Трамп да биде обвинет за злосторства.
Поранешниот претседател беше обвинет во Њујорк во врска со исплата на пари на порно актерка, за време на претседателската кампања во 2016 година, со цел да ја премолчи наводната афера.