Секој 1 – ви Март, во чест на мистериозната Баба Марта и доаѓањето на пролетта, се плетат уникатните мартинки, едни од омилените модни додатоци на младите.

Имено, мартинките се бразлетни направени од црвена и бела волница, исплетена на различни начини. Белата боја ја симболизира чесноста и искреноста, а црвената светлината и љубовта во животот.

Покрај како бразлетни, мартинките се прикачуваат и на облеката, во домот, се носат и како приврзоци. Мартинките како бразлетни, се носат од 1 – ви Март па сѐ до расцветувањето на првото дрво како предвесник на пролетта, а потоа се верува дека треба да се закачи на дрвото со желби за добро здравје.

Овој обичај дошол со прославувањето на празникот Ксантика со кој Македонците верувале дека се случува „измивање на душите”, простување на гревовите, доминација на разбудената пролетна светлина врз зимската темнина што ги притиска нивните души.

Според преданието, Ксантија била божица на сите цвеќиња, на љубовта и убавината. Во неа бил заљубен македонскиот Бог Македон, но откако злите сили ја претвориле Ксантија во цвет, Македон секоја пролет ја барал својата љубов на сите ливади и полиња, покрај сите бистри потоци и реки, во сите градини во својата земја Македонија. Во чест на оваа необична и несреќна љубов на Македон и божицата Ксантија, Македонците првиот месец на пролетта го нарекле Ксант, а пролетниот празник Ксантика.

Ксантика е едно од најсветлите одбележја на старо-македонските народни обичаи, која со својата волшебна моќ ги обединува душите на Македонците во заедничките стремежи за опстанок и подобар живот. Македонците ја празнуваат како празник на пролетта, љубовта, цвеќињата и убавината. Но, за жал, во денешно време не се знае скоро ништо за овој духовен празник кој во старо време бил синоним за македонскиот идентитет. Македонските војници, Ксантика ја славеле облечени во свечена македонска облека, пееле и играле македонски песни и ора, со што ја истакнувале својата посебност, во однос на војниците, припадници на другите народи.

Денеска, делови од овој празник може да пронајдеме во празнувањето на Прочка, Младенци, Благовец, Лазарица, Цветници и неколку други празници што се прославуваат во текот на пролетта.

Она што секако се актуелизира денеска, е враќањето на мартинките. Неколку години наназад, мартинките може да се купат на најразлични места и да се ужива во нив во текот на цел март.

Доколку сте обожавателка на истите, задолжително набавете си волница, одвојте малку време и направете си една уникатна мартинка со која ќе ја прославите убавината на месецот март! 

By Author