Бројот на загинатите во земјотресот што синоќа го погоди Мароко достигна 820, додека 672 лица се повредени, јавува Ројтерс, повикувајќи се на мароканската телевизија. Земјотресот беше почувствуван во сите марокански градови, а големи штети претрпе и Маракеш.
Синоќешниот земјотрес беше најсмртоносниот што го погоди Мароко од земјотресот во Ал Хосеима во 2004 година.
Тоа се случи во раните утрински часови на 24 февруари во близина на градот на брегот на Средоземното Море. Бил со помала магнитуда, 6,3 во однос на синоќешните 6,8 степени според Рихтеровата скала. Во земјотресот во 2004 година, повеќе од 600 луѓе загинаа, а повеќе од 900 беа повредени.
Се очекува дека бројот на жртвите не е конечен, бидејќи спасувачките операции се уште се во тек, а спасувачите се обидуваат да стигнат до најпогодените области.
Луѓето кои беа разбудени од земјотресот истрчаа на улиците во страв и неверување. Државната телевизија покажа дека луѓето се собрале на улиците на Маракеш доцна во ноќта, плашејќи се да се вратат во зградите кои сè уште би можеле да бидат нестабилни.
Еден жител рекол дека бил во станот кога почнале да паѓаат садови и завеси, а луѓето почнале да се уриваат, пренесуваат странските медиуми.
Жителот на Маракеш, Брахим Хими, рече дека видел амбулантни возила како заминуваат од стариот град и додаде дека многу фасади на згради се оштетени. Тој рече дека луѓето биле исплашени и останале надвор во случај на нов земјотрес.
Друга жена, Далила Фахем, рече дека нејзината куќа има пукнатини и дека мебелот е оштетен.
– За среќа, се уште не сум спиела – рече таа.
Еден ден подоцна жителите на оваа држава не кријат дека се преплашени и велат дека земјата се тресела околу 20 секунди додека луѓето врескале и панично бегале.
Од целиот свет беа испратени пораки со поддршка за Мароко, како и сочувство за сите жртви во разорниот земјотрес.