Градоначалникот на главниот град на Канада прогласи вонредна состојба поради протестот на возачите на камиони против задолжителната вакцинација и ограничувањата за ковид. Протестот трае повеќе од една недела, а градоначалникот Џим Вотсон изјави дека градот е „целосно надвор од контрола“ и дека демонстриранти има повеќе од полицијата.
Тој ги нарече демонстрантите „закана за безбедноста на граѓаните“, јавува Би-Би-Си. Возачи на камиони со своите возила и шатори го парализираа центарот на градот. Да потсетиме, „Конвојот на слободата“ започна како движење против барањето на владата сите возачи на камиони да се вакцинираат против Ковид.
Ситуацијата е целосно надвор од контрола во овој момент, бидејќи поединците кои протестираат повикуваат на акција – изјави Вотсон.
Вотсон побара од федералната влада „да седне и да има некаков вид дискусија, некаков вид посредување за да се реши оваа ситуација бидејќи таа сега се шири низ целата земја“.
Многу граѓани на Отава го изразија своето незадоволство од протестите. Се жалат на камиони кои го нарушуваат сообраќајот. Полицијата соопшти дека е загрижена бидејќи конвојот привлекол екстремно десничарски и екстремистички делови од општеството, наведува Би-Би-Си.
Прогласувањето на вонредна состојба е само последен во низата обиди на градските власти да извршат притисок врз демонстрантите, но сè уште не е јасно како сето тоа ќе заврши. Што се однесува до организаторите, тие ветија мирен протест во согласност со законот, но порачаа дека „ќе останат онолку колку што е потребно“.